Nazlı Yüzbaşıoğlu,Zuhal Demirci
08 Февруари 2021•Ажурирај: 09 Февруари 2021
АНКАРА
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Унгарија, Петер Сијарно денес изјави дека таа земја придава големо значење на односите со Република Турција и додаде дека безбедноста на Европа зависи токму од Турција, јавува Агенција Анадолија (АА).
Сијарто во друштво на турскиот министер за индустрија и технологија Мустафа Варанк присуствуваше на претставувањето на инвестицијата која водечкиот унгарски произведувач на медицинска опрема Медикор ја реализираше во Анкара.
Укажувајќи на пандемијата на Ковид -19 како голем предизвик со кој се соочени Унгарија, Турција и остатокот од светот, Сијарто изјави дека Владата на неговата земја води борба за зачувување на здравјето и животот на граѓаните, но и борбата за ублажување на економските последици на пандемијата.
Тој изјави дека во изминатиот период јасно се покажало значењето и неопходноста на инвестирање во развојот на здравствениот сектор. Тој додаде дека светот би можел да се увери и во неопходноста на јакнење на солидарноста, а како пример ја наведе помошта која Унгарија и Турција ја испратија во голем број земји.
„Унгарија и Турција градат односи врз основа на взаемно почитување, цивилизиран дијалог и партнерска соработка. Ние придаваме големо значење на односите со Турција. Кога станува збор за мигрантската криза, безбедноста на Европа зависи од Турција. Турција воедно дава и голем придонес на јакнењето на енергетската безбедност на Централна Европа“, изјави Сијарто.
Унгарската компанија Медикор инвестираше два милиони евра во производство на инкубатори во Турција, а турскиот министер за индустрија и технологија Варанк изјави дека тоа е прва голема директна унгарска инвестиција во медицинската индустрија во Турција.
„Инвестицијата на унгарскиот Медикор во Анкара е показател на довербата на Унгарија во економскиот потенцијал и политичката стабилност на Турција“, рече Варанк.
Инкубаторите што ќе се произведуваат во погоните во Анкара се наменети за пазарите во Централна Азија, Блискиот исток и Африка, а Варанк рече дека ова е само уште еден чекор напред во турско-унгарската соработка.
Новата постројка за производство на инкубатори би требало да започне со работа во првата половина наредната година, а Варанк изјави дека станува збор за соработка која има голем потенцијал.
Варанк исто така изјави дека се надева оти 2021 година ќе биде година на обнова на довербата меѓу Турција и Европската унија.