Ayşe Aktaş,Mohamad Misto
30 Јануари 2017•Ажурирај: 31 Јануари 2017
АНКАРА (АА) - Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад 358 пати го прекршија примирјето во Сирија што со посредство на Турција и Русија беше договорено на 30 декември минатата година, јавува Anadolu Agency (AA).
Мрежата за човекови права во Сирија (СНХР) објави извештај во кој се наведува дека договореното примирје во Сирија во текот на изминатиот месец е прекршено вкупно 366 пати, а најчесто кршителите на примирјето се од страната на режимот на Асад и неговите лојални групи од странски терористи.
Војската на сирискиот режим и милитантските групи зад кои стои Иран го прекршија примирјето вкупно 315 пати.
Станува збор за 108 напади во Хама, 51 напад во Алепо, 46 на периферијата на Дамаск, 41 напад во Идлиб, 37 во Хомс, 22 во Дерај, шест во центарот на Дамаск, три напади во Хасеки и еден во Дејр ез Зуру.
Во тие напади се убиени најмалку 95 цивили и пет вооружени бунтовници, а меѓу загинатите цивили има најмалку 24 деца.
Во извештајот се наведува дека во текот на изминатиот месец, руските сили коишто го поддржуваат режимот на Асад го прекршиле сириското примирје 43 пати, а станува збор за 25 напади во Идлиб, 15 во Алепо и три во Хама.
Од друга страна, во истиот период, силите на сириската опозиција вкупно осумпати го прекршиле договореното примирје, а станува збор за напади извршени во Алепо и во Хама.
СНХР ја повика Русија во својство на гарант на договореното примирје да не го крши примирјето, туку да изврши дополнителен притисок на силите лојални на режимот на Асад да се придржуваат до договорот.
Примирјето во Сирија стапи на сила на 30 декември минатата година, а на меѓународниот собир за Сирија во главниот град на Казахстан, Астана, делегациите на Турција, Русија и на Иран договорија да се воспостави трилатерален механизам за набљудување на почитувањето на договорениот прекин на судирите.