Mohamad Misto,Ethem Emre Özcan
21 Април 2021•Ажурирај: 22 Април 2021
ХАСЕКА
Насилни судири се случија меѓу силите на режимот на Башар ал Асад и терористичката организација ЈПГ/ПКК во областа Камишли, во североисточната провинција Хасека во Сирија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информациите добиени од локални извори, судирите меѓу страните започнале кога силите на режимот Асад кои се наоѓаат во центарот на Камишли, отвориле оган врз група која припаѓа на терористичката организација ЈПГ/ПКК.
Откако судирите се интензивираа, терористите на ЈПГ/ПКК се обидоа да влезат во воената зона позната како „Безбедносен плоштад“, која му припаѓа на режимот на Асад.
Како одговор на тоа, режимските сили стационирани на Аеродромот „Камишли“ со артилериски истрели ги погодија позициите на организацијата во градот.
Се дознава дека во судирите има загинати и ранети од обете страни.
- Интервенира Русија
Со посредство на Русија судирите престанаа. Сепак, во Камишли тензиите меѓу страните продолжуваат.
Исто така, меѓу терористите на ЈПГ/ПКК и силите на режимот на Асад имаше тензии и на почетокот на оваа година во Хасека. Тензиите се претворија во меѓусебна блокада и судири. Со медијација на Русија на почетокот на февруари тензиите се намалија.
- Ситуацијата во Хасека
Терористичката организација ЈПГ/ПКК и режимот на Асад заедно управуваат со градот Хасека. Режимските сили ја контролираат планината Кевкеп, безбедносната единица и 156. Бригада во центарот на градот.
Во центарот на Камишли, исто така, има аеродром што му припаѓа на режимот, воена бригада и единица за безбедност.