Elvir Hociç
19 Март 2017•Ажурирај: 20 Март 2017
ПАЛМИРА (АА) - Деминерскиот тим на руската војска започна со деминирање на старото јадро на сирискиот град Палмира и веќе првиот ден неутрализираа 120 експлозивни направи и две складишта со оружје, кои терористите на ДЕАШ ги оставиле при повлекувањето од градот, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Руските деминери започнаа да ги чистат историските делови и населени места во сириската Палмира. Само првиот ден пронајдоа повеќе од 120 експлозивни направи и две складишта со оружје” , изјави командантот на руските деминери Валериј Одвијенко.
Одвијенко изјави дека цел на операцијата е да се зачуваат остатоците од историскиот град Палмира и додаде дека операцијата ќе трае месец или месец и половина.
Неколку стотици руски деминери планираат да го прегледаат подрачјето од околу 900 хектари, а веќе во првиот ден од операцијата се потврди дека терористите на ДЕАШ го минирале градот и неговите историски градби.
Терористите на ДЕАШ го зазедоа градот Палмира во мај 2015 година, а сириската војска го ослободи градот во март минатата година. Меѓутоа, терористите во декември минатата година повторно воспоставија контрола над градот, а сириските и руските сили повторно го ослободија во првите денови од март.