Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet
21 Декември 2021•Ажурирај: 22 Декември 2021
ИДЛИБ (АА)
- БУРАК КАРАЏАОГЛУ / АХМЕТ КАРААХМЕТ
Обилните дождови предизвикаа поплави во повеќе од сто бегалски кампови во Идлиб, со што дополнително е отежната борбата за преживување на илјадници семејства во таа северозападна област на Сирија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Обилните дождови и поплави го зафатија поширокото подрачје на Идлиб, дом на стотици бегалски кампови, каде што во исклучително тешки услови престојуваат илјадници раселени луѓе кои своите домови ги напуштиле поради нападите од страна на силите на режимот на Башар ал-Асад.
Илјадници бегалски семејства во Идлиб чекаат меѓународна помош по поплавите.
Претставникот на локалната власт, Мухамед Халаџ, за АА изјави дека поплавите ги блокирале патиштата кон 104 бегалски кампови, а уништени се повеќе од 500 кампови.
„Во обилните поплави и врнежи погодени се најмалку 3.742 семејства, а шаторите на 2.145 од тие семејства се целосно поплавени“, кажа Халаџ.
Фатима Чесим од еден од поплавените кампови во Идлиб рече дека на тој народ итно му е потребен секаков вид хуманитарна помош.
„Се бориме со гладта, а сега и поплавата е тука. Само Бог знае во колку тешка ситуација сме. Храната ја подготвуваме со палење на собраниот пластичен отпад. Секаква помош ни е потребна, а најпотребна ни е храна, облека и огрев“, кажа Чесим.
И Ахмет Мухамед истакна дека шаторите во кои престојуваат немаат услови и прокиснуваат при секој дожд.
„Во овој камп живеат 50 наши семејства и сите сакаме да се спасиме од овој ужас. Единствена желба ни е враќањето во нашите домови и на работните места со кои ќе можеме да им обезбедиме нормален живот на нашите деца“, кажа Мухамед.
Идлиб е најголема енклава под контрола на сириската опозиција, што е под опсада на силите верни на режимот на Башар ал-Асад и неговите сојузници.
Со посредство на Турција, Русија и Иран, за време на преговорите во мај 2017 година во Астана, Идлиб беше прогласен за една од четирите зони на деескалација. Силите лојални на режимот на Асад го прекршија договорот и зазедоа три зони, а во Сочи на 17 септември 2018 година е постигнат дополнителен договор за примирје во Идлиб и формирање зона на деескалација.
Во рамките на договорот, опозициските сили го повлекоа тешкото вооружување од регионот, а силите лојални на режимот на Асад не ги запреа артилериските и воздушните напади во регионот.
Турција и Русија во март 2020 година договорија протокол со кој се повикуваат сите страни во Идлиб да го прекинат огнот, а турските и руските сили, во својство на гаранти на примирјето, заеднички спроведуваат контролни патроли по должината на линиите на раздвојување.
Поради нападите на силите на режимот од Идлиб, во колективните центри во близина на турската граница во изминатите четири години избегаа близу два милиона Сиријци.