Servet Günerigök
21 Декември 2021•Ажурирај: 21 Декември 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан оваа недела ќе отпатува во Израел и Палестина, изјави портпаролката на високиот функционер, Емили Хорн, јавува Агенција Анадолија (АА).
„На Саливан ќе му се придружат Брет Мекгурк, заменик-помошник на претседателот Џо Бајден и координатор за Блискиот Исток и Северна Африка, и Јаел Лемперт, вршителка на должноста помошник секретар на Стејт департментот за блискоисточни прашања“, рече Емили Хорн во соопштението.
„Во Израел, г-дин Саливан ќе се сретне со премиерот Нафтали Бенет и со високи израелски владини претставници за да ја потврди посветеноста на САД за безбедноста на Израел и да се консултира за низа прашања од стратешко значење за билатералните односи меѓу САД и Израел, вклучително и заканата од Иран“, се вели во соопштението.
Се очекува Саливан да биде копретседавач со четвртата Стратешка консултативна група (SCG) заедно со неговиот израелски колега, Ејал Хулата.
Во градот Рамалах на окупираниот Западен Брег, Саливан ќе се сретне со претседателот на палестинската управа Махмуд Абас за да разговара за „тековните напори за понатамошно зајакнување на американско-палестинските врски и унапредување на мирот и безбедноста за Палестинците и Израелците“, рече Хорн.