Sena Güler
29 Февруари 2020•Ажурирај: 03 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Воените операции на Турција им нанесоа големи загуби на милициите на Хезболах во сириски Идлиб, а нивната паника е евидентна во интерната меѓусебна комуникациија до која имаше пристап Агенција Анадолија (АА).
Милициите на Хезболах, поддржани од Иран, им пружаат поддршка на силите од режимот на Асад против умерените опозициски групи во Сирија и се одговорни за смртта на илјадници невини цивили.
Тие го користат „Ватсап“ (WhatsApp) за координација и комуникација, а неодамнешните пораки ја покажуваат нивната вознемиреност паралелно со напредокот на турските сили во заштитата на сириските цивили.
Во пораките коишто ги виде АА, припадниците на милицијата ја обвинуваат Русија дека не им помага против турските сили и се жалат дека се напуштени од страна на силите на Асадовиот режим.
Велат дека силите на режимот избегале од подрачјето и ги оставиле сами.
Гласовната порака што ја преслуша АА содржеше известување за најновите случувања во деескалационата зона во Идлиб.
„Русите не помогнаа, а сириските сили избегаа. Нашата младина е оставена сама на себе. Турската Армија изведува интензивно бомбардирање во регионот. Имаме загуби под остатоците. Стигнавме до девет од нив, меѓу кои се и Абас и Џафар“, вели во гласовната порака еден милитант.
„Ништо не е сигурно; Русите сè уште се незаинтересирани кон овој развој на настаните. Засега не прашувај ништо друго; ситуацијата е многу критична.“
Другите пораки во групните комуникации покажуваат дека вознемирената милиција започнала со одржување молитви, потег што за нив претставува еден вид ритуал при критични времиња.
„Интензивното бомбардирање“, што го спомена милитантот, всушност е одмаздата на Турција за смртоносниот напад врз нејзините трупи од страна на режимските сили во четвртокот вечерта.
Доцна во четвртокот, најмалку 34 турски војници ги положија животите како шехиди (загинати херои), во напад на режимот на Асад во деескалационата зона на Идлиб, близу до јужната граница на Турција.
Нападот беше последен во серијата напади на сирискиот режим оваа година.
Турските власти го одржаа ветувањето дека таквите напади нема да поминат без одговор, по што ги нападнаа позициите на режимот од земја и воздух.
Турските сили се во Идлиб за да ги заштитат цивилите според договорот од септември 2018 година постигнат со Русија, според кој се забранети сите акти на агресија во тој регион.
Но, оттогаш над 1.300 цивили се убиени во нападите на силите на Асад и Русија, а продолжува прекршувањето на прекинот на огнот.
Деескалационата зона во Идлиб е дом на 4 милиони цивили, меѓу кои се и илјадниците раселени од различните делови на земјата во текот на изминатите години.
Над 1,7 милиони Сиријци избегаа во близина на турската граница поради интензивните напади на сирискиот режим.