Ekipa
28 Септември 2017•Ажурирај: 28 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Националната коалиција на сириските опозициски и револуционерни сили соопшти дека масакрот над најмалку 80 цивили кај Хама во вторникот го сториле силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Најмалку 8.000 цивили го напуштија Акрабат во покраината Хама, кој е средиште на судири меѓу сириските режимски сили и терористите на ДЕАШ, и тргнаа кон територијата под контрола на сириската опозиција. Силите на сирискиот режим прво ја одобрија таа евакуација, но веќе месец и пол цивилите ги држат заробени во долината Ал Узејб, околу 50 километри од Акрабат.
Поголема група на цивили тргнаа во вторник од долината, а портпаролот на Генералниот секретаријат на ОН, Стефан Дујариќ, соопшти дека во нападот се убиени најмалку 80 цивили.
Националната коалиција на сириските опозициски и револуцинерни сили денес соопшти дека тој масакр е дело на силите на режимот на Асад.
„Милитантите на режимот на Асад во вторникот извршија напад врз конвој со цивили во источната покраина Хама. Убиени се најмалку 80 лица, меѓу кои жени и деца. Нападот е извршен со тешко вооружување, а масакрот се случил длабоко во територијата под контрола на режимот и далеку од фронтот кој го држат силите на опозицијата“, се наведува во соопштението.
Паралелно со тоа, челникот на локалното собрание во Акрабат, Ахмет ал-Хамави, за АА изјави дека силите на режимот на Асад убиле најмалку 80, а раниле 70 цивили и дека потоа ги отстраниле телата од местото на злосторството.
Ал Хамави изјави дека во пустината и понатаму се заробени повеќе од 500 цивили кои немаат пивка вода ниту храна.