Eşref Musa,Burak Karacaoğlu
02 Јануари 2018•Ажурирај: 02 Јануари 2018
ИДЛИБ (АА) - Најмалку 24 цивили се ранети во ракетен напад кој силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад денес го извршија врз пазар во градот Џиср ал-Шугхур кај Идлиб, јавува Anadolu Agency (AA).
Претставникот на локалната Цивилна заштита „Бели шлемови“, Хади Харат, за АА изјави дека силите на Асад со ракета земја-земја од базата во Латакија го погодиле пазарот во Џиср ал-Шугхур.
„Во нападот е направена голема материјална штета, а меѓу 24-те ранети цивили има повеќемина во животна опасност“, изјави Харат.
Џиср ал-Шугхур е стратешко важно подрачје на патот меѓу Идлиб и Латакија, и се наоѓа во зоната без судири за која во мај минатата година со посредство на Турција, Русија и Иран е договорено примирје.
Паралелно со тоа, активистите на „Белите шлемови“ јавуваат дека режимските сили на Асад со руска поддршка денес извршиле најмалку 23 воздушни напади на населени места во источниот дел на Хама и во јужниот дел на Идлиб. Сето тоа претставува кршење на мировниот договор од Астана.