Emre Aytekin
19 Јуни 2019•Ажурирај: 20 Јуни 2019
АНКАРА
Претседателот на Кина, Си Ѓинпинг, пред неговата утрешна официјална посета на Северна Кореја истакна дека ќе продолжат да ги поддржуваат чекорите кои се прават во насока на мировно решавање на проблемите на Корејскиот Полуостров, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Радосно е да се види дека со точната одлука на (севернокорејскиот лидер) Ким, и со истовремените напори на сите страни, на Корејскиот Полуостров се формира еден општ тренд кон мировен дијалог. Решавањето на проблемот на Полуостровот преку политички пат е историска можност, и очекувањата на целата меѓународна заедница се во оваа насока“, истакна Си во својата статија истовремено објавена од кинеската официјална новинска агенција „Синхуа“, и од државниот весник на Северна Кореја „Родонг Синмун“ (Rodong Sinmun).
Си нагласи дека перспективите за развој, како и заедничките интереси на народите на Кина и Кореја се во насока за решавање на проблемите на Корејскиот Полуостров преку мировен пат, и за обезбедување мир и стабилност во регионот.
„Кина ќе работи за напредок на средбите и преговорите во контакт и координација со Северна Кореја и другите страни, и ќе продолжи да придонесува кон мирот, стабилноста, развојот и благосостојбата во регионот“, додаде тој.
Си на 20-21 јуни ќе престојува во официјална посета на главниот град на Северна Кореја, Пјонгјанг, каде што ќе се состане со севернокорејскиот лидер, Ким Џонг Ун.
Оваа посета, која се совпаѓа со 70-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји, ќе биде прва посета на оваа земја од претседател на Кина по 14 години.
Привлекува внимание што посетата се совпаѓа со периодот кога се случуваат прекини во дипломатските средби меѓу САД и Јужна Кореја со Северна Кореја, поради различните мислења на земјите околу денуклеаризацијата.