Zeynep Hilal Karyağdı
26 Август 2017•Ажурирај: 27 Август 2017
САНА (АА) - Од крајот на април, епидемијата на колера однесе 2.018 животи во војната на опустошениот Јемен, соопшти Светската здравствена организација (СЗО), пренесува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението на СЗО, се истакнува дека од 27 април во Јемен се регистрирани дури 565.804 случаи на колера, а починале најмалку 2.018 луѓе.
Агенцијата на Обединетите нации (ОН) додава дека најголем број на смртни случаи од колера се забележани во провинциите Хаџах и Худеида.
Исто така се наведува дека колерата се проширила во 22 од вкупно 23 јеменски града, а единствениот град каде што досега не е забележан ниту еден случај на колера е Сокорта.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК) очекува до крајот на годината бројот на случаи на колера во Јемен да достигне бројка од 600.000.
Во сиромашниот Јемен владее граѓанска војна уште од 2014 година, кога Хусите започнаа бунт во поголемиот дел од земјата, вклучувајќи го и главниот град Сана.
Судирите ескалираа во 2015 година, кога Саудиска Арабија и нејзините арапски сојузници започнаа обемна воздушна кампања, која има за цел да ги ослабне Хусите и да ја поддржи борбата на јеменската Влада.
Според МКЦК, над три милиони луѓе ги напуштиле своите домови од почетокот на вооружениот конфликт во Јемен, а повеќе од 20 милиони луѓе имаат потреба од хуманитарна помош.