ИДЛИБ (AA) – ЕШРЕФ МУСА/БУРАК КАРАЏАОГЛУ-
Мухамед Хамуде, чија куќа е уништена при воздушен напад, со своето 20-члено семејство живее во пештера, а пред пештерата дежураат поради опасноста од дивите животни.
Како резултат на нападите од режимот на Асад и неговиот поддржувач Русија, во западниот дел на сириски Алепо и јужниот дел на Идлиб десетици илјади цивили ги напуштија своите домови.
Поради недостиг на финансиски можности, недостиг на шатори и поради високата цена за изнајмување домови, раселените лица живеат во пештери, каравани или пак, градат бараки.
Во изјава за Агенција Анадолија (АА), Мухамед Хамуде од Идлиб раскажа дека неговата куќа во селото Рам Хамдан е уништена во воздушен напад.
„Во куќата не можеше да се живее. Вратите и прозорците, ништо не можеше да се искористи. Излеговме од куќата. Баравме некое засолниште. Сакавме да купиме шатор, но беше многу скап. Околу 200.000 сириски лири (околу 180 евра)“, рече Мухамед.
Истакнувајќи дека заедно со семејството на неговиот брат, вкупно 20 лица, живеат во пештера во планината Бариш, близу сириско-турската граница, Мухамед рече: „Нашите сопруги и децата останаа надвор. На крајот моравме да се сместиме во оваа пештера. Најмалку, имаме еден покрив кој нè штити. Децата не остануваат надвор и можат тука да спијат.“

- „Пред влезот на пештерата видов хиена“ -
Хамуде објасни за тешкотиите со кои се соочуваат со живот во пештерата.
„Во пештерата имаше мртво куче. Го извадивме. Малку ја исчистивме бидејќи внатре имаше мувла и влага. Затоа има и болести. Пред неколку ноќи, на полноќ, пред влезот на пештерата видов хиена. Нашите сопруги и деца се исплашија. Поради тоа со брат ми почнавме да дежураме пред пештерата.“
Истакнувајќи дека за да земат абдест одат во едно село што се наоѓа на оддалеченост од неколку километри, Хамуде нагласи: „Што и да кажам е малку. Животно да врзете тука, не би останало да живее.“
- Последната ситуација во Идлиб -
Северозападната сириска покраина Идлиб од самиот почеток на граѓанската војна е упориште на сириската опозицијата.
Во моментов, популацијата на Идлиб со внатрешната миграција достигна 4 милиони луѓе. Од март 2015 година се наоѓа под контрола на опозицијата. Идлиб е место кое најмногу е напаѓано од страна на режимот.
На состанокот во Астана од 4-5 мај 2017 година, Турција, Русија и Иран се договорија за 4 деескалациски зони во Идлиб и соседните покраини (Латакија, Хама и Алепо).
Но, режимот и странските терористички групи поддржани од Иран, со воздушна поддршка на Русија ја зазедоа контролата врз овие деескалациски зони, со исклучок на Идлиб.
Стотици илјади цивили што избегаа од нападите, мигрираа кон местата близу границата со Турција.
Исто така, нападите продолжија извесно време и по договорот од Сочи постигнат на 17 септември 2018 година од страна на Русија и Турција.
Русија, режимот, како и терористите поддржани од Иран што изведуваат напади во деескалациската зона во Идлиб, само од почетокот на 2019 година досега се причина за раселувањето на околу 1 милион и 942 илјади цивили кон местата во близина на границата со Турција.
Над 1.800 цивили загинаа како резултат на бомбардирањата.
news_share_descriptionsubscription_contact
