İdiris Okuduci
18 Септември 2020•Ажурирај: 19 Септември 2020
ИСТАНБУЛ
Језидите што живеат во местото Синџар во ирачката област Мосул упатија повик до Обединетите нации и меѓународната заедница да им бидат спасени децата киднапирани од страна на терористичката организација ПКК и да им биде соопштена нивната судбина, јавува Агенција Анадолија (АА).
До локалните медиуми на територијата на Регионалната влада на ирачките Курди испратена е видеоснимка на мајките и татковците чии деца се киднапирани од страна на ПКК во подрачјето на Синџар, како држат фотографии и документи за идентификација на нивните деца.
На снимката е прикажана една мајка од Језидите, чиј идентитет не се открива, како додека во рацете ги држи фотографијата и документот за идентификација на нејзината ќерка која е киднапирана, (за членовите на ПКК) изјавува: „Дојдоа во нашата куќа неколкупати, но не знаевме која им е целта. На крајот ми ја киднапираа малата ќерка.“
Во продолжение, друга мајка, молејќи се за итно ослободување на нејзината ќерка, вели:
„Упатуваме повик да нѐ чуе светот, хуманитарните организации и Обединетите нации. ПКК ги однесе нашите деца. ПКК не ни ги покажува децата. Ниту телефонски повик, ниту писмо. Не знаеме каква е субината на нашите деца, а кога бараме да ни ги вратат, ПКК ни се заканува.“
Постар маж од Језидите, држејќи список на децата киднапирани од организацијата, вели: „Би сакал да ги прочитам имињата на децата киднапирани од нашето семејство. Хазим Хаџи Мирза, повеќе од две години е исчезнат, а виден е во Тел Узејр. Селам Хајдар Решо, и тој замина заедно со нашите деца. Шефик Џуно Сејдо Махмуд од селото Ханесур, исчезнат е три години.“
Еден татко од Језидите, заедно со сопругата која седи покрај него, вели: „Мојот син е во затворот на ПКК и немаме никакви информации за него.“
Заменик-гувернерот на Мосул, Сирван Роџбејани, во својата изјава за Телевизискиот канал „24“, со седиште во Ербил, околу присуството на терористичката организација во подрачјето на Синџар, го кажа следното:
„Постоењето на некои од терористичките организации на подрачјето на Шенгал (Синџар), како што се ПКК и „Хашди Шаби“, претставува опасност за животите на нашите браќа Језиди и нивното враќање во сопствените домови. Во моментов имаме нелегална администрација во Шенгал. Ниту ние комуницираме со нив, како локална самоуправа. Побаравме од ирачката централна власт да најде решение за ова прашање, но за жал, централната власт досега не ги презеде потребните чекори.“
Мир Исмет Тахсин, духовниот лидер на Језидите, во изјавата што на 3 септември ја даде за АА, истакна дека терористичката организација ПКК не е пожелна во местото Синџар и додаде дека е потребно организацијата да си замине од тоа подрачје.
Во писмената изјава дадена на 29 август, Мехма Халил, управителот на округот Синчар, изјави дека ПКК ги чува киднапираните Језиди во тајни затвори.
Језидите од Синџар во различни интервали организираа активности за присуството на ПКК во нивниот регион и за ослободување на нивните киднапирани деца, повикувајќи ја ирачката Централна влада да интервенира против организацијата.
Терористичката организација ДЕAШ изврши напад врз областа Синџар на 3 август 2014 година, киднапирајќи и убивајќи илјадници луѓе, меѓу кои имало и жени и деца, а некои од киднапираните ги држи во притвор на подрачјата на кои е присутна.
Терористичката организација ПКК е позиционирана во регионот на Синџар од 2014 година досега под образложение дека го ослободува од ДЕАШ.