Esra Akgün
05 Март 2016•Ажурирај: 06 Март 2016
АНКАРА/АЛЕПО (АА) - Во текот на првата недела од договорот за прекин на огнот во Сирија, кој стапи на сила во саботата, 27-ми февруари, загинаа 75 цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Намален е бројот на напади на силите лојални на претседателот на Башар ал-Асад и руските сили врз сириските населени места. Продолжени се само на подрачјето на Латакија, во западниот дел на Алепо, на југот на Идлиб, во источниот дел на сириската престолнина Дамаск, Дера и во западните делови на земјата.
Локални извори наведуваат дека нападите врз населените подрачја во Латакија и Дера се спорадични и со намален интензитет во однос на претходните години. Од тие причини намален е и бројот на цивилни жртви на тие подрачја.
Сириската опсерваторија за човекови права (SNHR) истакнува дека во текот на првата недела прекинот на огнот е прекршен 216 пати а загинаа 75 цивили. Прекинот на огнот овозможи и непречено доставување на хуманитарна помош на подрачјата под окупација, до кои беше невозможно да се стигне.
Заменикот-портпарол на генералниот секретар на ОН, Фархан Хак, рече дека во петокот хуманитарните организаци работеле на доставувањето на хуманитарна помош и посочи дека имале потешкотии во одредени подрачја.
Локални извори од Муадамија велат дека десет камиони со хуманитарна помош, по долготрајното чекање, влегле на ова подрачје. Меѓутоа, во камионите се наоѓала храна и средства за хигиена но медицинска помош за хроничните болни не е доставена.
Некои подрачја ја немаа таа среќа да им стигне хуманитарна помош, па локалните извори од подрачјето на Растан во Хомс ги повикаа ОН да им помогнат бидејќи помош на ова подрачје нема стигнато веќе седум месеци, а луѓето останале без храна.
Прекинот на огнот во Сирија е последен во низата дипломатски напори за ставање крај на граѓанската војна во таа земја која трае веќе пет години. Војната во Сирија започна пролетта 2011 година, кога се судрија режимските сили на претседателот Башар ал-Асад и бунтовниците, кои сакаа Асад да го тргнат од власт.
Според последните податоци кои ги објавија ОН пред неколку месеци, војната во Сирија, која започна во 2011 година, до сега однела над 250.000 животи.