Abdula Berisha
22 Февруари 2022•Ажурирај: 23 Февруари 2022
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, реагираше во врска со последните случувања меѓу Украина и Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Преку објава на својот твитер-профил, Османи нагласи дека остро ја осудуваат одлуката на Русија за признавањето на украинските региони, изразувајќи поддршка за Украина.
„Остро го осудуваме признавањето на независноста на украинските региони Донецк и Луганск од страна на Русија. Ваквите акти претставуваат тешко прекршување на меѓународното право“, напиша Османи.
„Северна Македонија ја повторува својата јасна поддршка за сувереноста и територијалниот интегритет на Украина“, додаде Османи.
Инаку, Северна Македонија е дел од Тројката на ОБСЕ, заедно со Полска и Шведска.
Минатата недела, шефот на украинската дипломатија, Дмитриj Кулеба ги покани своите колеги од Тројката на ОБСЕ да реализираат итна посета за утврдување на факти, во рамки на механизмите на ОБСЕ.
Во врска со ова, Османи вчера рече дека се во координација внатре во Тројката во врска со мандатот на мисијата, како и за тоа на кое ниво ќе се спроведува оваа мисија, на министерско, на дипломатско или на воено-експертско ниво.