Alaattin Doğru
22 Февруари 2022•Ажурирај: 23 Февруари 2022
АНКАРА (АА) - Францускиот новинар и експерт за безбедност Жан-Доминик Мерше истакна дека во пресрет на претседателските избори, одлуката на Русија за Украина, му нанесе тежок удар на претседателот Емануел Макрон, пренесува Агенција Анадолија (АА).
На својот профил на социјалната мрежа Твитер, Мерше ја оцени одлуката на рускиот претседател Владимир Путин официјално да ги признае сепаратистичките влади во источна Украина и да испрати војници таму.
Оценувајќи дека овој потег на Русија засега не значи војна, туку полесна операција кога ќе се спореди со анексијата на Крим во 2014 година, Мерше истакна дека ситуацијата најверојатно ќе се влоши и ќе прерасне во војна.
- „Западот нема да ризикува за Украина“
„Украина е сама. Западот нема да ризикува. Ќе има санкции, но тоа нема да промени ништо“, рече Мерше.
Наведувајќи дека одлуката на Путин за Украина е „тежок удар за Макрон непосредно пред да ја официјализира својата кандидатура“ за претседател, новинарот Мерше додаде дека залудни биле „вложените“ напори на францускиот претседател за Украина, за прашањата за Либан, австралиските подморници и повлекувањето од Мали.
Мерше меѓу другото додаде дека во Франција нема политички договор во однос на односите со Русија и дека има силни проруски струи и во десницата и во левицата.