Zehra Ulucak
22 Мај 2017•Ажурирај: 22 Мај 2017
СЕУЛ (АА) - Властите на Северна Кореја потврдија дека вчера е извршено успешно тестирање на балистичка ракета од среден дострел, пренесува Anadolu Agency (AA).
Севернокорејската агенција КЦНА јавува дека на наредбата за лансирање на ракетата Пукгиксонг-2 лично присуствувал претседателот на земјата, Ким Џонг-ун.
Вчерашниот потег на севернокорејските власти е нова провокација кон остатокот на меѓународната заедница, која остро се противи на развојот на нуклеарната програма на Северна Кореја.
Министерството за надворешни работи на Јужна Кореја тој чин го оцени за провокаторски и неодговорен, а шефот на американската дипломатија, Рекс Тилерсон, изјави дека и Вашингтон е загрижен поради последниот вознемирувачки потег на Пјонгјанг.
И премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, изјави дека Северна Кореја ја предизвикува меѓународната заедница и со продолжување на провокациите ги гази сите иницијативи на мирно решавање на проблемите.
Абе најави дека севернокорејските провокации ќе бидат една од главните теми на претстојниот Самит на земјите Г7 во Италија.
Генералштабот на војската на Јужна Кореја вчера соопшти дека војската на Северна Кореја извршила лансирање на непознат проекил од базата во Пукчанг.
На барање на САД, Јужна Кореја и Јапонија, Советот на безбедност на ОН утре ќе одржи вонредна седница на којашто ќе бидат разгледани севернокорејските провокации.