Ekipa
14 Јануари 2022•Ажурирај: 17 Јануари 2022
АНКАРА (АА) - Северна Кореја, според наводите денеска, истрелала уште еден проектил, неколку часа откако официјалните претставници на таа земја ги обвинија САД дека се обидуваат да го поткопаат легитимното право на самоодбрана на Пјонгјанг, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Началникот на Генералштабот на Јужна Кореја тврди дека Северна Кореја денеска истрелала неидентификуван проектил во раните утрински часови, додека Јапонија рече дека „може да биде балистичка ракета“.
Доколку се потврди, ова ќе биде трето лансирање на ракета на Пјонгјанг оваа година, по две тестирања за помалку од една недела, за кои севернокорејските државни медиуми соопштија дека се хиперсонични ракети.
Ваквите тестирања на ракети ги поттикнаа САД да воведат санкции за пет лица вклучени во ракетната програма на Северна Кореја.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Северна Кореја рече дека американските санкции се јасна провокација и го критикуваше Вашингтон дека намерно ја влошува ситуацијата.
„Гангстерската логика на САД го доведува во прашање остварувањето на нашето легитимно право на самоодбрана“, се вели во соопштението пренесено од државната Корејска централна новинска агенција.
Официјалниот претставник рече дека притисокот на Северна Кореја за оружје од нов тип е само за подобрување на нејзината национална одбранбена способност, а не за насочување кон одредена земја или сила.
Во соопштението се предупредува на посилен и појасен одговор, доколку САД продолжат со својот став на конфронтација.