Gamze Türkoğlu Oğuz
08 Ноември 2018•Ажурирај: 08 Ноември 2018
СЕУЛ (АА) - Властите на Северна Кореја го откажаа состанокот на високиот официјален претставник на оваа земја со американскиот државен секретар, Мајк Помпео, кој е планиран за оваа недела во Њујорк, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефицата на јужнокорејската дипломатија, Канг Кјунг Ва, потврди дека официјален Пјонгјанг ја откажал официјалната посета на Њујорк за време на која се планирани разговорите за организирање на вториот самит на американскиот и севернокорејскиот лидер и за процесот за денуклеаризација на Корејскиот Полуостров.
Досега од Пјонгјанг нема официјално објаснување за причината за откажувањето на состанокот.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа на новинарите во Белата куќа им кажа дека постои можност состанокот помеѓу Помпео и заменик-претседателот на Централниот комитет на Северна Кореја, Ким Џонг Чол, повторно да се организира, но дека нема потреба да се брза за тоа.
Од Стејт департментот во кратко соопштение наведоа дека до откажувањето дошло поради усогласувањата на обврските од другата страна.
Ким Џонг Чол е вториот највлијателен човек во Северна Кореја. Тој денес требаше да допатува во Њујорк и да разговара со шефот на американската дипломатија, Помпео.
Американскиот претседател Доналд Трамп во јуни се состана со севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун во Сингапур и постигна начелен договор за завршување на корејската криза на денуклеаризација и релаксација на односите во регионот.