Alaattin Doğru
28 Јули 2018•Ажурирај: 28 Јули 2018
ДАКАР (АА) - Во Демократска република Конго се урна карго авион. Во несреќата животот го загубија 5 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Според вестите објавени во локалните медиуми, карго авион од типот Антонов во сопственост на компанијата „Ер Касаи“ во кој имало 7 лица, по полетувањето од аеродромот во Камако, кој се наоѓа во близина на границата со Ангола, се урнал недалеку од градот Тшикапа во централната провинција Касаи.
Советникот на гувернерот на провинцијата Касаи, Френклин Каломбо даде изјава во врска со настанот. Тој информираше дека од седумте лица што се наоѓале во авионот, спасени се двајца.
Меѓу двајцата спасени лица од авионот, едниот е пилотот, додека второто лице е руски државјанин.
Засега официјалните претставници не дадоа никакви информации за причината на падот на авионот.
- Авиокомпании од Д.Р. Конго се наоѓаат на црната листа на Европската унија
Во Д.Р. Конго често се случуваат авионски несреќи. Во истата провинција минатиот месец веднаш по полетувањето се урна авион на Обединетите нации, а во несреќата беа повредени поголем број лица.
Во септември 2017 година, во главниот град Киншаса се урна воен авион. Загинаа голем број лица и несреќата претставуваше голема воена загуба.
Кон средината на 2011 година во оваа земја, се урна авион на компанијата Хема Бора која лета под знаме на Д.Р.Конго. Во несреќата животот го загубија 127 лица.
Најтрагична авионска несреќа во оваа земја се случи по паѓањето на авионот од типот Антонов врз пазар во главниот град Киншаса. Во овој трагиечен настан загинаа повеќе од 300 луѓе.
Многу авиокомпании од Д.Р.Конго се наоѓаат на црната листа на Европската унија бидејќи не ги исполнуваат во потполност барањата за безбедност.