Muhammed Emin Canik
03 Февруари 2019•Ажурирај: 03 Февруари 2019
БУЕНОС АИРЕС (АА) - Во боливискиот град Каранави настана свлечиште во кое животот го загубија 8 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави весникот „Ел Дебер“ (El Deber), во градот Каранави, кој се наоѓа во боливискиот департман Ла Паз, дошло до лизгање на земјиште врз автопат. Во несреќата животот го загубиле 8 лица.
Во несреќата, дел од возилата што се наоѓале на патот останале под земјата, а дел од нив биле одвлечкани во бездна длабока 200 метри.
Градоначалникот на Каранави, Даниел Паукара, изјави „Ни соопштија дека досега во несреќата животот го загубиле 8 лица, меѓутоа, можно е бројот на загинати да е поголем, бидејќи во несреќата со земја се покриени или одвлечкани во бездна 10 возила. Претпоставуваме дека од оваа катастрофа се погодени меѓу 50 и 60 лица.“
Поради свлечиштата што настанале во подрачјето на Алто Чоро, дел од спасувачките екипи не се во можност да пристапат до местото на несреќата.
Претседателот на Боливија, Ево Моралес, преку својот профил на социјалните мрежи објави „Многу сум тажен поради трагедијата што се случи во Каранави.“
Од друга страна, поради преплавувањето на реката во Каранави, евакуирани се 1.000 лица, а некои куќи се поплавени.
Постои голема загриженост кај претставниците на власта поради постојаното зголемување на нивото на водата.