ИДЛИБ (АА) - СЕЛЕН ТЕМИЗЕР/БУРАК КАРАЏАОГЛУ -
Мајката на три деца, Нур Недим Мулхим, која била приведена од страна на Асадовиот режим со тврдење дека имала таканаречена „венчавка за џихад“, истакна дека ја поддржувале опозицијата и не виделе лоши работи од неа, но како што рече, припадниците на режимот со видливо задоволство на лицата ги вршеле тортурите за време на испрашувањата, пишува Anadolu Agency (AA).
Нур Недим Мулхим од подрачјето на Кусеир во Хомс, била приведена во октомври 2014 година со тврдење дека имала привремена венчавка со припадник на сириската опозиција, која води борба против силите на режимот.
Mулхим својата приказна ја раскажа за Anadolu Agency (AA).
„Бев во самица, а потоа бев преместена во центарот за испрашување во Хомс. Таму, во една мала соба бевме 23 жени. Имаше жени од секое подрачје. Имаше тортура. Молитвата и постот беа забранети. За време на нашето преместување, траеја судирите меѓу опозицијата и режимот. Возилото се преврте. Јас бев единствената жена во возилото и бев повредена. Нѐ преместија во центарот за испрашување „Ел Хатиб“ во Дамаск“, рече таа, додавајќи дека биле испрашувани двапати на ден.
„Рацете ми беа врзани. Постојано бев тепана. Очите ми беа затворени. Ме навредуваа со лоши зборови, бидејќи не признавав. Ми рекоа: ’Добиваш поддршка од Саудијците. Се венчаваш за џихад‘. Извесно време работев во болница. Тогаш ме обвинуваа дека им помагам на терористите. Со затворени очи ме тераа да потпишам некои документи“, нагласи Мулхим.
Истакна дека на испрашување ја носеле луѓе со маскирани лица, и дека таму била камшикувана по нозете и лицето.
„Бев обвинувана дека сум се „венчала за џихад“, фраза која ја слушнав за првпат во мојот живот. Да, ние ѝ помагавме на опозицијата и не видовме нешто лошо од неа“, додаде таа.
Според Mулхим, 10 дена откако била пренесена во друг воен центар за испрашување, била ослободена праку размена на заробеници.
Таа раскажа дека два дена откако била ослободена, добила информации дека е побарана смртна казна за неа и била повторно приведена.
„Им реков дека сум ослободена и дека имам документ. Ме навредија. Ме задржаа два дена, па ме фрлија на улица. За да преживеам ја продадов белезицата што ја имав“, рече таа.
Mулхим раскажа и за тортурите на кои била сведок.
„Постојано се менуваа оние што нѐ испрашуваа, а додека се менуваа тие, се зголемуваше и тортурата. Имаа задоволство од тоа. Пиеја кафе и чај додека нѐ измачуваа.“
„Бев сведок како една 45-годишна жена, која ја измачуваа, висеше од таванот. Од нејзината облека се слеваше крв“, раскажа Мулхим.
Таа рече дека со години не го видела нејзиниот сопруг и нејзините два сина.
news_share_descriptionsubscription_contact
