Mohamed Sabry Emam Muhammed
30 Јуни 2019•Ажурирај: 02 Јули 2019
ГАЗА (АА) - Официјален претставник на Обединетите нации (ОН) денеска предупреди дека ситуацијата во Појасот Газа, кој е под блокада на Израел, се движи од лошо кон полошо, јавува Anadolu Agency (AA).
„Општествената и економската ситуација во Газа се движи од лошо кон полошо“, изјави Матијас Шмеле, директорот на активностите на Агенцијата на ОН за палестинските бегалци (UNWRА) во Газа, на состанокот организиран од невладината организација „Прес-куќа“.
Тој за влошената ситуација на палестинската територија ја обвини 12-годишната израелска блокада на Газа, која е дом на речиси 2 милиона луѓе.
„Таа предизвика повисока стапка на невработеност, економски колапс и ограничување на слободната трговија“, рече Шмеле.
Според Палестинскиот центар на Бирото за статистика, невработеноста во Газа продолжува да расте, достигнувајќи 52 отсто во 2018 година, што претставува пораст од речиси 8 отсто од 2017 година, и над 20 отсто откако Израел наметна блокада во 2007 година.
Неодамнешниот извештај на Светската програма за храна при ОН (WFP) покажа дека несигурноста во однос на дотурот на храна влијае на две третини од популацијата на Газа.
Во Извештајот се напоменува дека околу 70 проценти од лицата кои не се бегалци во Газа немаат сигурност кога е храната во прашање, додека за бегалците во енклавата тој процент изнесува 67 отсто.
Израел наметна остра блокада врз Појасот Газа во 2007 година, откако палестинската група Хамас ја презеде контролата врз Појасот од ривалската група Фатах.
Формирана во 1949 година, УНРВА ја обезбедува најпотребната помош за палестинските бегалци во Појасот Газа, на Западниот Брег, Јордан, Либан и Сирија.