Bekir Aydoğan
06 Декември 2020•Ажурирај: 07 Декември 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Принцот Турки бин Фаисал, поранешен шеф на разузнавачката служба на Саудиска Арабија, остро ја критикуваше администрацијата во Тел Авив, тврдејќи дека Израел е западна колонијална сила, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Саудискиот принц, кој беше амбасадор во Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија, на Самитот за безбедност во Бахреин преку видеоконференција остро ги критикуваше израелските власти.
Порача дека секој договор за нормализирање на односите со Израел треба да им помогне на Палестинците во добивањето своја независна држава.
За Израел рече дека е западна колонијална сила и потсети дека властите во Тел Авив ги затвораат Палестинците во концентрациони логори под неосновани обвинувања.
„Ги уриваат нивните домови и убиваат кого сакаат“, рече саудискиот принц.
Податоците на Здружението на палестински затвореници покажуваат дека во израелските затвори се наоѓаат околу 5.700 Палестинци, меѓу кои и жени и малолетни лица. Според податоците, станува збор за околу 230 малолетни лица.
Обединетите Арапски Емирати и Бахреин кон средината на септември годинава во Белата куќа потпишаа договори за нормализирање на односите со Израел. Неодамна на таков договор се согласи и Судан.
Палестинското раководство, меѓу кое и движењата Фатах, Хамас, Исламски џихад и Народниот фронт за ослободување на Палестина, се согласни дека нормализацијата на односите со Израел претставува големо предавство.
Мировните преговори меѓу Израел и Палестина беа прекинати во април 2014 година и оттогаш не продолжија, и покрај сите напори, првенствено поради одбивањето на Израел да ги прифати границите од 1967 година, да го уважи правото за враќање на Палестинците кои мораа да ги напуштат своите домови и да престане да гради нелегални еврејски населби.