свет

Саудискиот престолонаследник го обвини Иран за нападите врз танкерите со нафта

Во интервјуто за весникот „Ашрак ал Авсат“, Бин Селман упати критики кон Иран и неговите поддржувачи за поттикнување насилство во регионот

Mahmoud Barakat  | 16.06.2019 - Обновена : 17.06.2019
Саудискиот престолонаследник го обвини Иран за нападите врз танкерите со нафта

РИЈАД (АА) - Саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман го обвини Иран за неодамнешните напади врз танкерите со нафта во Заливот и ја повика меѓународната заедница да преземе решителен став против Техеран, пренесува Anadolu Agency (AA).

Во интервјуто за весникот „Ашрак ал Авсат“, Бин Селман упати критики кон Иран и неговите поддржувачи за поттикнување насилство во регионот.

Во четвртокот, два танкера за нафта беа нападнати во Оманскиот Залив, во близина на Ормутскиот Теснец, кои патувале од земјите на Арапскиот Залив кон крајниот исток.

Нападите се случија еден месец откако кон четири брода, меѓу кои и два саудиски нафтени танкери, недалеку од брегот на Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), беа извршени саботажни напади.

Саудиска Арабија, исто така, соопшти дека два нафтени објекта биле нападнати од беспилотни летала на јеменските бунтовници Хуси, поддржани од Иран.

Вашингтон рече дека Иран стои зад нападите врз танкерите со нафта во Заливот, обвинение кое Техеран го отфрли.

Нападите „ја истакнуваат важноста на нашите барања за меѓународната заедница да преземе решителен став против експанзионистичкиот режим“, вели Бин Селман во интервјуто.

Тој рече дека иранскиот режим „го поддржува тероризмот и во изминативе децении шири смрт и разорување, не само во регионот, туку и во целиот свет“.

Саудискиот престолонаследник ја повтори својата поддршка во однос на повторно воведените американски санкции кон Иран.

Тензиите помеѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран се зголемија од минатата година, кога САД еднострано се повлекоа од Договорот за нуклеарната програма меѓу Иран и петте постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), плус Германија.

Администрацијата на американскиот претседател Трамп спроведе бројни дејствија насочени кон стопирање на Договорот, вклучувајќи го и повторното наметнување санкции за иранската нафта.

Како одговор на тоа, Техеран вети дека ќе продолжи со извозот на нафта, и покрај санкциите на САД, и се закани дека ќе го затвори Ормутскиот Tеснец, доколку се спречи да го користи стратегискиот Персиски Залив.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.