Ali H. M.Abo Rezeg
11 Март 2019•Ажурирај: 12 Март 2019
БАГДАД (АА) - Ирачкиот претседател, Бархам Салих, денес ги пофали блиските односи на земјата со Анкара и Техеран, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата одржана по официјалниот прием во Багдад на иранскиот претседател Хасан Рохани, Салих рече: „Ирак има среќа што има соседи како Иран и Турција“.
Тој потоа упати критики до оние што секогаш велат дека географската локација на Ирак го прави склон кон проблеми и тешкотии.
„Ние не сакаме Ирак да биде арена за регионален или меѓународен конфликт“, изјави претседателот, изразувајќи ја почитта од страна на неговата земја за помошта на Иран во тековната борба против тероризмот.
Според Салих, ирачките официјални претставници и нивните ирански колеги во моментот дискутираат за голем број заеднички инфраструктурни проекти, вклучувајќи и за железничката поврзаност, заедничките индустриски зони, засилената соработка на полето на енергетиката и религиозниот туризам.
Тој нагласи дека неговата земја наскоро ќе потпише голем број важни договори со Иран.
Иранскиот претседател, Хасан Рохани, денес пристигна во Багдад во тридневна посета на Ирак, за преговори со ирачките официјални претставници.
Во придружба на својата делегација, Рохани беше пречекан на Меѓународниот аеродром во Багдад од страна на министерот за надворешни работи, Мохамед ал Хаким.
Иранскиот лидер за време на неговата посета ќе се состане со премиерот Адел Абдул Махди, со претседателот на Парламентот, Мохамед ал Халбуси, и со шиитскиот свештеник Али ал Систани.