Ekipa
18 Август 2019•Ажурирај: 20 Август 2019
РИМ (АА) - Шпанските власти порачаа дека бродот со спасени мигранти во Средоземното Море може да вплови кон таа земја и да ги донесе патниците во Алхесирас, пренесува Anadolu Agency (AA).
Спасувачкиот брод на шпанската организација „Отворени раце“ (Open Arms) веќе 17 дена чека одобрение од италијанските власти за да вплови во пристаништето на островот Лампедуза, а шпанските власти порачаа дека се подготвени да ги примат спасените мигранти и да ја прекинат драмата.
Италијанскиот министер за внатрешни работи, Матео Салвини, денес на организацијата „Oтворени раце“ ѝ порача да ги напушти италијанските води и да плови кон Шпанија.
Салвини рече дека организацијата дошла кај Лампедуза само за да го провоцира него и Италија.
Екипажот на бродот тврди дека условите се катастрофални бидејќи поминале 17 дена откако 107 мигранти биле спасени во бродоломот во либиските води.
Властите на шест земји членки на Европската Унија рекоа дека се подготвени да ги прифатат и да ги згрижат мигрантите од бродот, но италијанскиот министер Салвини не дозволи бродот да се приближи до брегот и мигрантите да се симнат од бродот.
Организацијата „Oтворени раце“ сè уште не се огласи во врска со предлогот да плови кон Шпанија, пловидба која би траела неколку дена.
Од организацијата тврдат дека Салвини ги користи спасените мигранти за ширење ксенофобна и расистичка пропаганда.