Muhammed Bilal Kenasari
25 Мај 2018•Ажурирај: 26 Мај 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) ја повикаа Русија да ја прифати одговорноста за падот на авионот MH17 на „Malaysia Airlines“ („Малезија ерлајнс“), кој во 2014 година над Украина беше соборен со проектил на Руската војска, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на Стејт департментот, Хедер Хојерт, преку соопштение потсети дека Заедничкиот истражен тим (JIT) вчера објави дека е утврдено оти авионот на „Malaysia Airlines“ во 2014 година во Украина е срушен со проектил на Руската војска.
„Време е Русија да признае дека го собори авионот МХ17 и да престане со кампањата на давање дезинформации“, рече Најерт.
Во соопштението се додава дека Русија треба да ги уважи апелите на сите земји за прифаќање на одговорноста за падот на авионот MH17 на „Malaysia Airlines“.
Заедничкиот истражен тим (JIT) објави дека е утврдено дека авионот на „Malaysia Airlines“ во 2014 година во Украина е соборен со проектил на Руската војска.
На прес-конференцијата беше кажано дека проектилот припаѓал на 53. бригада на Руската војска, лоцирана во Курск.
Авионот, кој сообраќал на релацијата Амстердам - Куала Лумпур е срушен на 17 јули 2014 година во источниот дел на Украина, а во несреќата загинаа сите 198 лица во авионот. Истрагата на западните експерти откри дека проектилот Бук од руско производство, кој го собори авионот, истрелан е од подрачје под контрола на проруските сепаратисти во источна Украина. Во авионот се наоѓаа 183 патници и 15 членови на посадата.