Handan Kazancı
26 Мај 2018•Ажурирај: 28 Мај 2018
САНКТ ПЕТЕРБУРГ (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин за време на состанокот со претставниците на новинските агенции од сите краеви на светот на 22. Меѓународен економски форум во Санкт Петербург (SPIEF) изјави дека Турција има право да избере кое воено оружје ќе го користи, потсетувајќи на одлуката на официјална Анкара да го купи рускиот систем за противвоздушна одбрана, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој истакна дека Турција, членка на НАТО, се одлучила да го купи рускиот систем на противвоздушна одбрана S-400, за кој кажа дека е најдобар.
„Сè е поголем бројот на земјите врз кои се врши притисок. Станува збор за купување на нашиот систем за противвоздушна одбрана S-400. Всушност, крајно чудно. Турција како членка на НАТО одлучи да го купи S-400, за кој без претерување можам да кажам дека е најразвиен и најдобар систем од овој вид во светот. И што сега? Дали е тоа криминал?“, изјави Путин.
Тој потсети дека САД претходно ѝ порачале на Турција дека ќе ја блокираат продажбата на ловци од петтата генерација F-35 поради купување на противвоздушните ракетни системи S-400 од Русија, додавајќи дека Русија продава оружје и на другите членки на НАТО.
„Многу е тешко да се успее во намерата со тоа што против господинот Реџеп Таип Ердоган ќе ја користите методата на притисок. Тоа Ердоган дополнително ќе го охрабри. Тоа во никој случај не е чесен пристап кон Турција“, изјави Путин, додавајќи дека секоја земја во тој поглед одлуката ја донесува според сопствените национални интереси.
„Независна и суверена земја е подготвена да купи, па која земја тогаш има право да го спречи обидот на купување производ кој е крајно важен за воспоставување безбедност? Според мене, тоа е навистина екстремно однесување“, изјави рускиот претседател.
Тој потсети дека со турскиот претседател претходно разговарал и за заедничкото производство во одбранбената индустрија, напоменувајќи дека Русија соработува и со Кина и Индија во областа на одбранбената индустрија.
„Но да ве потсетам, најголемиот воен буџет во светот е американскиот, изнесува 700 милијарди долари, тоа е рекорд. Да ги споите сите воени буџети во светот пак нема да можете да го надминете воениот буџет на САД“, изјави Путин.
Инаку, првата испорака на системот за противвозудшна одбрана S-400 на Турција се очекува на крајот од 2019 или почетокот на 2020 година.
На состанокот присуствуваше и заменик генералниот директор и главниот и одговорен уредник на АА, Метин Мутаноглу.