Hakan Çopur
04 Октомври 2016•Ажурирај: 05 Октомври 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Американските воени претставници тврдат дека Русија во Сирија инсталирала прв софистициран антиракетен систем, познат како „Гладијатор“, јавува Anadolu Agency (AA).
Тројца неименувани официјални воени лица на САД, за телевизијата „Фокс“ изјавија дека руските сили минатиот викенд, во сириското пристаниште Тартус го донеле антиракетниот систем SA-23 Гладијатор (S-300VM), а се работи за развиен систем којшто се користи за пресретнување балистички проектили.
Изјавата на американските официјални лица за рускиот потег во Сирија дојде во истиот ден кога руската страна соопшти дека е суспендиран руско-американскиот договор за Сирија, што официјален Вашингтон го смета за јасна порака дека Русија ќе продолжи воено да го поддржува режимот на сирискиот претседател Башар ал-Асад.
Се работи за ракетен систем со опсег од 150 милји, кој за првпат е инсталиран надвор од границите на Русија.
Американски разузнавачки извори, исто така, наведуваат дека рускиот антиракетен систем во Сирија сè уште не е активиран, а досега не е јасно која е целта за инсталирањето на овој систем, со оглед на фактот што силите на ДАЕШ и Ал Нусра во тој регион на Сирија немаат артилериски арсенал од таков вид.
Русија на крајот на минатата година во Сирија инсталираше антиракетен систем С-400, а овој потег дојде набргу по соборувањето на рускиот воен авион во ноември минатата година, кој за време на летовите во Сирија го повреди турскиот воздушен простор.