Erkan Avci
06 Декември 2016•Ажурирај: 06 Декември 2016
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролот на Белата куќа, Џош Ернест порача дека вестите од сирискиот град Алепо се сѐ пострашни, и дека тоа претставува одраз на неморалот на режимот на Асад, јавува Anadolu Agency (AA).
Ернест на редовната дневна конференција за новинарите во Вашингтон, одговараше на прашања во врска со нападите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад над цивилите во Алепо.
„Вестите од Алепо се сѐ пострашни, а ситуацијата во градот сѐ повеќе се влошува. Животот го загубија голем број цивили, а воедно, животот на голем број цивили, жени и деца е во опасност и под ризик. Ова е одраз на неморалот на режимот на Асад“, вели Ернест.
Тој порача дека режимот на Асад, со поддршка на Русија и Иран, спроведува стратегија за заплашување на луѓето, и истакна дека бомбашкиот напад во источниот дел на Алепо е една сурова и срамна тактика.
„САД се обидуваат преку дипломатски канали да го запрат бомбардирањето и насилството, и работат на тоа да ги оддалечат невините луѓе од овие опасни региони и да го овозможат доставувањето на хуманитарната помош. Сепак, Сирија, Русија и Иран не сакаат на конструктивен начин да му пријдат на овој процес. Се надевам дека тоа ќе се промени“, рече Ернест.
Ернест даде коменар и во врска со референдумот за уставните промени во Италија, и рече дека САД и Италија имаат многу добри билатерални односи.
„Овој референдум не се однесуваше директно на односите на Италија и на Европската Унија (ЕУ), но можно е тој да има некои пошироки последици“, вели Ернест.