Rabia İclal Turan
07 Декември 2023•Ажурирај: 07 Декември 2023
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) би се спротивставиле на секоја предложена тампон-зона во Газа, наведувајќи дека тоа е кршење на принципот на Вашингтон дека не смее да има намалување на големината на Појасот Газа, јавува Анадолу.
Портпаролот на Стејт департментот, Метју Милер, рече дека САД ги изнеле принципите во врска со повоена Газа.
„Еден од тие принципи е дека не смее да дојде до намалување на големината на Газа. Значи, ако има некоја предложена тампон-зона внатре во Газа, тоа би било кршење на тој принцип“, рече Милер.
На прашањето за можностите на меѓународните сили во повоената Газа, Милер рече дека по завршувањето на борбените операции ќе биде потребен одреден преоден период, но дека е прерано да се дефинираат параметрите.
„Тоа се типови на разговори кои ги водиме со нашите сојузници и партнери во регионот“, истакна Милер.
Додаде дека смета дека е премногу рано за дефинитивно пропишување на какво било решение и дека САД се фокусираат на тоа како би требало да изгледа постконфликтното опкружување во Газа.