Safvan Allahverdi
20 Јуни 2018•Ажурирај: 20 Јуни 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) соопштија дека се повлекуваат од Советот за човекови права на Обединетите нации (UNHRC), обвинувајќи ја организацијата за лицемерие и пристрасност насочено против Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
„УНХРЦ е лицемерна организација која делува сама за себе и која ги исмејува човековите права“, рече американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли, за време на заедничката прес-конференција со американскиот државен секретар, Мајк Помпео.
Истакнувајќи дека ситуацијата во рамките на УНХРЦ е сè полоша, Хејли рече дека оваа организација води патолошка и немилосрдна кампања против цврстиот американски сојузник Израел.
Таа ги обвини Русија, Кина, Куба и Египет за обид за загрозување на американските напори во реформата на човековите права и додаде дека повлекувањето на САД од УНХРЦ не значи дека земјата се откажува од човековите права.
Позната по својата безусловна поддршка за Израел, Хејли е во постојан конфликт со сите фактори кои го критикуваат Израел и неговите сили поради употребата на сила против палестинските цивили. Константно гласаше против сите нацрт-резолуции кои предвидуваат истрага за злосторствата на израелските безбедносни сили.
Паралелно со тоа, шефот на американската дипломатија Помпео го обвини УНХРЦ дека станал полигон за вежби на бесрамни лицемери во екот на игнорирањето на најгрубото кршење на човековите права, и додаде дека токму во УНХРЦ седат претставници на најголемите прекршители на човековите права.
На американското повлекување му претходеше повеќемесечна препирка помеѓу претставниците на САД и остатокот од оваа организација на ОН која има седиште во Њујорк и Женева.