САД реагираа на одлуката на Макрон да ја признае палестинската држава
- „САД остро реагираат на планот на Емануел Макрон за признавање на палестинска држава на Генералното собрание на ОН“, напиша државниот секретар Марко Рубио на Х.

ВАШИНГТОН / АНКАРА (АА) - САД реагираа на најавата на францускиот претседател Емануел Макрон дека Франција официјално ќе ја признае палестинската држава на Генералното собрание на ОН во септември, јавува Анадолу.
„САД остро реагираат на планот на Емануел Макрон за признавање на палестинска држава на Генералното собрание на ОН“, напиша државниот секретар Марко Рубио на Х.
„Оваа неодговорна одлука ѝ служи само на пропагандата на Хамас и го загрозува мирот. Тоа е шлаканица во лицето на жртвите од 7 октомври“, додаде тој, осврнувајќи се на прекуграничниот напад од страна на палестинската група на отпорот на 7 октомври 2023 година.
Макрон претходно вчера ја објави својата намера да ја признае Палестина за време на годишниот собир на светските лидери во Њујорк, при што во јавно писмо упатено до палестинскиот претседател Махмуд Абас наведе:
„Имам чест да потврдам дека, во светлината на вашите обврски, Франција целосно ќе ја признае Палестина како држава кога ќе одам на Генералното собрание на Обединетите нации во септември.“
„Правејќи го тоа, Франција ќе даде придонес за мирот на Блискиот Исток и ќе ги мобилизира сите свои меѓународни партнери што сакаат да учествуваат“, додаде тој.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го критикуваше потегот на Макрон, велејќи дека признавањето под сегашните услови „го наградува теророт и ризикува создавање уште еден ирански посредник, исто како што стана Газа“.
Американскиот амбасадор во Израел, Мајк Хакаби, се потсмеваше на признавањето на палестинската држава од страна на Макрон, пишувајќи на X:
„Едностраното 'декларирање' на Макрон за 'палестинска' држава не кажа КАДЕ ќе биде. Сега можам ексклузивно да откријам дека Франција ќе ја понуди француската ривиера и новата нација ќе се вика 'Франк-ан-Стин'.“
Франција ќе стане прва членка на Г7 – група од најголемите напредни економии во светот – што ќе ја признае палестинската држава. Моментно, 147 од 193 земји членки на ОН официјално ја признаваат државата Палестина.
Палестинскиот потпретседател Хусеин ал-Шеик ја поздрави одлуката на Макрон, нарекувајќи ја одраз на „посветеноста на Франција на меѓународното право и нејзина поддршка за правото на палестинскиот народ на самоопределување“.
Овој потег доаѓа во време на бруталната офанзива на Израел во Појасот Газа од 7 октомври 2023 година, во која се убиени речиси 60.000 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Воената кампања ја опустоши енклавата, го наруши здравствениот систем и доведе до сериозен недостиг на храна.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.