Michael Gabriel Hernandez
30 Март 2022•Ажурирај: 31 Март 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) укажаа дека Русија само го подготвува теренот за поконкретна воена офанзива во Украина, откако изјави дека ќе ги намали нападите врз два украински града, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ние сметаме дека ова е репозиционирање, не е вистинско повлекување и дека сите треба да бидеме подготвени да гледаме голема офанзива против други области на Украина“, им рече на новинарите портпаролот на Пентагон, Џон Кирби.
„Русија не успеа во својата цел да го заземе Киев. Не успеа во својата цел да ја потчини Украина. Но сѐ уште може да нанесе огромна бруталност на земјата, вклучително и на Киев“, додаде тој.
Претходно Русија соопшти дека значително ќе ги намали воените активности во насока на Киев и Чернихив за да ја зголеми довербата за идните преговори.
Заменикот-министер за одбрана на земјата рече дека по мировните преговори во Истанбул, Москва „радикално ќе ги намали“ нејзините воени офанзиви во градовите за да креира „услови за одржување понатамошни преговори и постигнување на конечната цел за согласување и потпишување на мировен договор“.
Соопштението не одговара на националниот хуманитарен прекин на огнот побаран од генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, во понеделникот. Но Владимир Медински, претставникот на руската делегација, по преговорите во Истанбул рече дека состанокот помеѓу украинскиот и рускиот претседател би можел да биде одржан кога нацртот на мировниот договор ќе биде подготвен и одобрен.
Кирби рече дека „новите точки на преговорите“ на Русија се показател на слаба волја за преговарање и „можеби се обид за промена на правилата, ублажување на непосредните цели на Русија и свртување на нејзиниот моментален недостиг на напредок кон следните чекори“.
„Многу е рано да се процени кои дополнителни активности ќе ги преземе Кремљ“, рече тој.
Како што соопшти Пентагон, САД испраќаат повеќе од 200 војници во Источна Европа, 10 борбени авиони Ф-18 и транспортен авион.
Руската војна во Украина, која започна на 24 февруари, беше пресретната од меѓународна осуда, а ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги економски санкции кон Москва.
Стотици светски компании ја прекинаа нивната работа во Русија.
Најмалку 1.179 цивили загинаа во Украина, а 1.860 се повредени, според проценките на ОН, кои наведоа дека вистинскиот број најверојатно е поголем.
Повеќе од 3,9 милиони Украинци пребегаа во соседните европски земји, а милиони се раселени во земјата, според Агенцијата за бегалци на ОН.