Umar Farooq
12 Септември 2018•Ажурирај: 13 Септември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Белата куќа синоќа упати закани дека Иран ќе го смета за одговорен за каков било напад на неговите сојузници врз американските дипломатски субјекти во Ирак, јавува Anadolu Agency (AA).
Прес-секретарот на Белата куќа, Сара Сандерс, во писмено соопштение наведе дека Иран не сторил ништо за да ги спречи нападите на групите што ги финансира, обучува и вооружува во Ирак.
„САД ќе го сметаат режимот во Техеран одговорен за секој напад врз персоналот на американската администрација во Ирак. Одговорот на Америка ќе биде брз и одлучен“, порача Сандерс.
Предупредувањето од Белата куќа е објавено по заканите што американските дипломатски мисии во Ирак ги добија минатиот викенд.
Во саботата неколку ракети се истрелани кон аеродромот во Басра, град во јужниот дел на Ирак во кој е сместен и американскиот Конзулат. Истовремено, слични инциденти се забележани и во Багдад и тоа во таканаречената Зелена зона во која се наоѓа американската Амбасада.
Инцидентите се случија во екот на антивладините протести започнати во Басра, во која во петокот беше запалена и зградата на иранскиот Конзулат. Станува збор за јужноирачки регион во кој доминантно живее шиитско население кое е познато по блиската соработка со Иран.