Servet Günerigök,Michael Gabriel Hernandez
21 Октомври 2022•Ажурирај: 22 Октомври 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) вчера потврдија дека Русија користи ирански воени беспилотни летала во војната против Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Можеме да потврдиме дека рускиот воен персонал кој се наоѓа на Крим управува со ирански беспилотни летала, користејќи ги за изведување напади низ Украина, вклучително и напади врз Киев“, соопшти портпаролот на Советот за национална безбедност, Џон Кирби на прес-конференција:
„Оценуваме дека иранскиот воен персонал бил на терен во Крим и ѝ помагал на Русија во овие операции.“
Тој додаде дека Русија добила десетици дронови и дека најверојатно ќе продолжи да прима дополнителни пратки во наредниот период.
„Загрижени сме дека Русија, исто така, може да побара и да набави напредно конвенционално оружје од Иран, како што се ракетите земја-земја што сигурно ќе се користат за поддршка на војната против Украина“, рече Кирби.
Тој истакна дека иранскиот персонал распореден на полуостровот Крим се состои од „обучувачи и одредена техничка поддршка со цел да им се помогне на Русите да ги користат“ беспилотните летала кои се испорачани од Иран.
Изјавата на Кирби уследи еден ден откако портпаролот на Стејт департментот, Нед Прајс, рече дека САД поседуваат обилни докази дека Русија користи воени беспилотни летала од иранско производство за напад на Украина.
„САД уште во јули почнаа да предупредуваат дека Иран планира да префрли беспилотни летала во Русија за употреба во руската брутална војна против Украина, а сега имаме изобилство докази дека беспилотните летала се користат за напади врз украинските цивили и врз критичната цивилна инфраструктура“, рече тогаш Прајс.