Ekipa
18 Мај 2022•Ажурирај: 19 Мај 2022
КИЕВ (АА) - Жителите на украинското село Кухари, бомбардирано од руските сили, порачаа дека ќе го обноват своето село по војната, јавува Агенција Анадолија (АА).
Селото Кухари, на 90 километри од главниот град Киев, ги носи трагите од војната меѓу Русија и Украина која започна на 24 февруари.
И покрај тоа што селото беше заземено од руските војници на почетокот на војната, во средината на март контролата врз селото ја презеде Украинската армија.
Во Кухари, кое беше нападнато од Русите, оштетена е инфраструктурата и голем број куќи.

Жителите на селото за Агенција Анадолија ги споделија своите искуства за време на нападите на Русија и нивните размислувања за иднината.
- „Ќе останам во моето село“ -
Анатолиј Шепељук, потсетувајќи дека руски војници во селото влегоа на 26 февруари од регионот на Чернобил, блиску до границата со Белорусија, рече: „На денот кога започна војната граѓаните кои живеат овде ги фати паника. Сите се упатија кон маркетите. Имаше долги редици во аптеките и бензинските пумпи. Луѓето помислија дека треба да бидат подготвени на сѐ.“
Истакнувајќи дека некои од селаните биле евакуирани, а некои останале во селото, Шепељук рече дека во селото имало интензивни судири.
„Авиони го напаѓаа селото трипати на ден, се пукаше со тешко оружје“, рече Шепељук.

Наведувајќи дека многу од куќите во селото се оштетени и дека има жртви и меѓу цивилите, Шепељук додаде дека не сака да го напушти своето село, кое повторно е под контрола на Украина.
Шепељук, кој работи како земјоделец, нагласи: „Се разбира, ќе останам овде. Моите баба и дедо живееле овде. И јас сум роден овде. Заедно со селаните сакам да го обновам ова место и да го направам да биде поубаво од тоа што беше пред војната. Војната нѐ поттикна на тоа. Ќе им дадеме пример за селата во Украина и другите села во светот. Имаме таква можност.“

- „Ќе ја обновиме нашата куќа“ -
Галина, една од жителите на селото, рече дека и нивната куќа е бомбардирана за време на војната и додаде: „Куќата е наша, земјата е наша. Затоа останавме овде. Треба да ја обновиме нашата куќа. Мораме да го направиме тоа одново. Не ни преостанува ништо друго.“

Нагласувајќи дека украинскиот народ минува низ тежок период, Галина рече дека затоа мора да бидат силни.
Таа, исто така ја сподели и својата надеж дека војната ќе заврши што е можно поскоро.