Abdula Berisha
18 Мај 2022•Ажурирај: 19 Мај 2022
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, денеска учествуваа на Самитот „Македонија2025“, чија главна тема беше регионалната соработка, јавува Агенција Анадолија (АА).
На заедничка прес-конференција по воведниот дел од Самитот, премиерите на двете земји ја истакнаа важноста од регионалната соработка, истовремено изразувајќи задоволство од зголемената меѓусебна трговска размена.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, рече дека за нејзината земја, Северна Македонија е еден од најблиските и најдобрите економски и политички партнери.
Таа рече дека соработката и комуникацијата со Северна Македонија се одвива секојдневно, додавајќи дека Србија дава полна поддршка за европските интеграции на Северна Македонија.
„Мило ми е да кажам дека ние минатата 2021 година конечно го надминавме тоа ниво од милијарда евра меѓусебна трговска размена, надминавме милијарда и сто милиони евра. Република Србија за Северна Македонија е трет најважен партнер по Германија и Велика Британија. Нам Северна Македонија ни е во првите 10 најважни партнери“, рече Брнабиќ.
Премиерот Ковачевски изјави дека односите со Србија се на исклучително високо ниво во сите области. Тој, исто така ја поздрави зголемената трговска размена, додавајќи дека Северна Македонија минатата година има зголемен извоз кон Србија за 40 отсто.
„Тоа се должи на исклучително добрите политички односи, меѓутоа и на регионалната соработка, особено истакната преку иницијативата Отворен Балкан (Open Balkans) во која веќе учествува нашата држава, Република Србија и Република Албанија“, рече Ковачевски.
Претходно денеска, премиерот Ковачевски во Владата на Северна Македонија ја пречека премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, каде што одржаа билатерална средба.