Lejla Biogradlija
30 Декември 2024•Ажурирај: 31 Декември 2024
БЕЛГРАД (АА) - Родителите на 15-годишното момче, кое пукаше и уби 10 лица во српското основно училиштето „Владислав Рибникар“ во мај 2023 година, денес се осудени на вкупно 17,5 години затвор, јавува Анадолу.
Вишиот суд во Белград ја донесе пресудата за родителите на К.К., извршител на пукањето во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград на 3 мај 2023 година.
Според судската одлука, таткото на К.К., Владимир Кецмановиќ, е осуден на 14,5 години затвор, а неговата мајка Миљана Кецмановиќ доби три години затвор.
Родителите се прогласени за виновни за чување огнено оружје во домот и поттикнување на нивното малолетно дете да изврши кривично дело.
Судот истакна дека во нападот детето го користело оружјето на својот татко.
Судот го осуди на 15 месеци затвор и инструкторот по стрелање Немања Маринковиќ.
Според српските закони, К.К. не е кривично одговорен поради возраста и поради тоа по нападот е задржан во психијатриски центар, а забранет му е контакт со мајка му.
Пресудата е предмет на жалбена постапка.
Во моментот на нападот К.К. имаше 14 години. На 3 мај 2023 година тој отвори оган врз чуварот и учениците во основното училиште „Владислав Рибникар“. Во нападот животот го изгубија 10 лица, девет деца и еден чувар, а имаше и шестмина повредени, пет деца и еден наставник.
Извештаите открија дека К.К. еден месец го планирал нападот, а кај него била пронајдена листа на учениците што му биле цел и училишна мапа.
По нападот низ Србија се одржаа протести.