Kasım İleri
21 Октомври 2022•Ажурирај: 22 Октомври 2022
ВАШИНГТОН (АА) - Портпаролот на Пентагон, Патрик Рајдер, истакна дека Русија ги користи иранските системи на беспилотни летала како психолошко оружје во Украина, но дека овие системи не го менуваат фактот дека Москва на терен губи територии против Киев, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во Вашингтон продолжуваат дискусиите во врска со тврдењето дека „иранскиот воен персонал во Крим обезбедил обука за дронови за руската војска“.
По Белата куќа, и портпаролот на Пентагон на дневниот брифинг за медиуми потврди дека Русија ја таргетирала Украина со иранските дронови, и дека иранските војници обезбедиле обука за дронови за руските војници.
„Продолжуваме да забележуваме дека Иран не само на Средниот Исток, туку и во другите региони, како што гледаме денес, е вклучен во кривичното дело на извезување тероризам“, рече Рајдер, додавајќи дека ќе ја продолжат нивната поддршка за Украина.
„Што се однесува до ефектот на дроновите, можно е дека ова од мене сте го чуле и порано. Тие се користат како психолошко оружје со цел да создадат страв. Но тоа не го менува фактот дека Русија на терен губи територии“, нагласи тој.
Рајдер истакна дека Украина срушила повеќе ирански дронови, но не даде детали околу бројката на дронови кои ги поседува Русија.