Erkan Avci
18 Декември 2016•Ажурирај: 19 Декември 2016
ВАШИНГТОН (АА) – Најголемата граѓанска организација која ги претставува муслиманите во САД, Советот за американско – исламски односи (CAIR), наградата Личност на годината им ја додели на брачниот пар Хизир и Газале Кан, родителите на загинатиот американски војник, кои на народниот конгрес на Демократската партија со уставот во раце ги критикуваа предизборните најави на Доналд Трамп за воведување забрана за влез на муслимани во САД, јавува Anadolu Agency (AA).
Советот за американско-исламски односи е најголемото здружение на муслиманската заедница во САД, а познато е по борбата за заштита на правата на таа заедница. Годинешната вечера во организација на Советот се одржа во Арлингтон.
На вечерата, меѓу останатите присуствуваше и амбасадорот на Турција во Вашингтон, Сердар Килич, а претседателот на Советот, Нихад Авад, имаше свое обраќање при што им се заблагодари на присутните за поддршката која ѝ ја даваат.
Тој истакна дека меѓу гостите е и амбасадорот Сердар Килич и упати особена благодарност до Турција за, како што рече, раката што им ја подаде на угнетените во Сирија. Присутните долго му ракоплескаа на амбасадорот.
Авад во својот говор посочи на растот на омразата и исламофобијата во САД. „Америка е нашиот дом. Ќе продолжиме да живееме тука. Не одиме никаде. Ќе продолжиме да си го браниме нашиот народ“, рече тој.
Во текот на вечерата, Авад им ја врачи овогодинештата награда на Советот, на брачниот пар Кан, кои во јули на конгресот на Демократската партија со уставот в раце ја критикуваа политиката на републиканскиот кандидат за претседател Доналд Трамп.
Хизир Кан се заблагодари поради наградата и рече дека муслиманите се дел од американското општество, и оти исламофобијата и говорот на омраза не се совпаѓаат со американските вредности.
„Во американската армија има 5.000 муслимани. Во њујоршката полиција има 900 муслимани и муслиманки. Ние сме меѓу заштитниците на оваа држава. Како муслимани сме државјани на оваа држава“, рече Кан.
Хизир Кан е син на офицер, кој загинал во Ирак во 2004 година. Тој го привлече вниманието на конгресот на Демократската Партија, во месец јули, кога го критикуваше Трамп за неговата изјава за забрана за влез на муслимани во државата велејќи: „Ме интересира дали Трамп го има прочитано Уставот на САД“. Тој веднаш по оваа изјава го извади уставот од џебот и рече дека ќе му го позајми на Трамп. Додека пак Трамп излезе со изјави против семејството Кан.