Safvan Allahverdi
10 Април 2018•Ажурирај: 10 Април 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) порачаа дека ќе одговорат на силите на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад поради употреба на хемиско оружје во нападите врз цивилите во Сирија, без оглед на идните потези на Советот за безбедност на ОН, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ги преминавме границите од повикувањето на совест. Дојдовме до момент кога светот мора да ја види правдата на дело“, порача постојаната амбасадорка на САД во ОН, Ники Хејли, за време на вонредната седница на Советот за безбедност организирана по повод саботниот напад врз цивилите во сириска Дума.
Хејли, исто така, изјави дека историјата ќе го запамети овој момент како час во кој Советот за безбедност покажал дали може или не може да го заштити населението во Сирија.
„Во секој случај, САД ќе одговорат“, порача Хејли.
Непосредно пред седницата на Советот за безбедност и американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека САД за ден или два ќе донесат конкретна одлука на кој начин ќе одговорат на нападите во Сирија.
„Тука се работи за човечност и такви работи не можат да се дозволат“, порача Трамп.
Вонредната седница на Советот за безбедност е одржана на барање на САД и уште неколку членки кои бараат режимот на Асад да се прогласи за одговорен за нападите со хемиско оружје и да се спроведе истрага за тоа.
„Само чудовиште може да гаѓа цивили, а потоа и да ги спречи амбулантните екипи да дојдат и да им помогнат на ранетите. Нема болници и спас за човековите животи. Нема лекари и лекови што можат да ја ублажат болката на жртвите“, изјави Хејли.
Истакнувајќи дека нема смисла да се покажуваат фотографиите на страдањата на жртвите, бидејќи одговорните чудовишта немаат совест, Хејли ја обвини и Русија дека со поддршката на режимот на Асад ги извалкала своите раце со крвта на настраданите сириски деца.
Специјалниот пратеник на ОН за Сирија, Стефан де Мистура, го предупреди Советот за безбедност дека ситуацијата во Сирија е значително отежната и поопасна од кога било претходно.
„Прв пат сум во ситуација да бидам загрижен за меѓународната безбедност, не само за безбедноста во Сирија или на регионално ниво“, порача Де Мистура.
Рускиот амбасадор Василиј Небензја одговори на американските обвиненија и го обвини Вашингтон дека „лови во матните води“ на Блискиот Исток и така го продлабочува тамошниот хаос.
„Каде и да одите и што и да допрете зад себе оставате само хаос. Се обидувате да ловите во тие матни води, но успевате да уловите само мутанти“, изјави Небензја.
Амбасадорот Небензја предупреди дека каква било американска воена акција во Сирија ќе предизвика сериозни последиици.
Велика Британија на седницата на Советот за безбедност се изјасни дека бара истрага за нападот во кој е користено хемиско оружје и во кој се убиени најмалку 78 цивили.