Umar Farooq
07 Мај 2019•Ажурирај: 08 Мај 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Вршителот на должност на американскиот министер за одбрана, Патрик Шанахан, изјави дека го одобрил праќањето на група бродови на чело со носач на авиони и бомбардери на подрачјето на Блискиот Исток, поради „кредибилната закана на иранскиот режим“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Овој чекор претставува логично прераспоредување на силите како одговор на најавувањето на кредибилната закана на силите на иранскиот режим“, наведе Шанахан на Твитер.
Тој истакна дека Вашингтон повторно го повикува Техеран да престане со провокациите.
„Ќе го сметаме иранскот режим одговорен за кој било напад на американските сили или на нашите интереси на тоа подрачје“, додаде Шанахан.
Праќањето на американските бродови на Блискиот Исток претходно го најави и Џон Болтон, советник за национална безбедност на Белата куќа.
„Соединетите Американски Држави не предизвикуваат војна со иранскиот режим, но потполно сме подготвени да одговориме на кој било напад на иранската Револуционерна гарда или на регуларните ирански сили“, порача Болтон во соопштението.
САД од минатата година повторно воведоа санкции на Иран, откако американскиот претседател Доналд Трамп еднострано одлучи да се повлече од Договорот за нуклеарно вооружување, склучен во 2015 година, врз чија основа беа укинати санкциите кон Иран во замена за неговото напуштање на програмата за нуклеарно вооружување.