Mohamad Misto
29 Јуни 2017•Ажурирај: 30 Јуни 2017
АЛ ХАСЕКЕ/АНКАРА (AA) - Соединетите Американски Држави (САД) и понатаму ги вооружуваат припадниците на терористичката организација ПЈД/ПКК под изговор дека ја поддржуваат борбата против ДЕАШ во Рака, а во изминатите седум дена, во два конвоја, северно од тој сириски град пристигнале близу 120 шлепери воена помош, јавува Anadolu Agency (AA).
Репортерoт на АА од Aл Хасеке јавува дека два американски конвои од вкупно 120 шлепери со воени возила, опрема, оружје и муниција на 21. и на 26. јуни, од Ирак влегле во Сирија и тргнале кон Рака.
Паралелно со тоа, 60 американски шлепери воена помош им се испорачани на терористите на ПЈД/ПКК на 5. јуни, а уште 20 такви шлепери се испорачани на 12. јуни.
Американскиот претседател Доналд Трамп на 15. мај оваа година потпиша одлука со којашто го одобрува вооружувањето на терористите на ПЈД/ПКК во Сирија бидејќи ги смета за верни партнери во борбата против терористите на ДЕАШ. Оттогаш на терористите на ПЈД/ПКК им се доставени најмалку 468 шлепери воена помош. Познато е дека САД и претходно, од април минатата година, ги вооружуваа терористите на ПЈД/ПКК во северниот дел на Сирија, но не постојат веродостојни извештаи за обемот на таа помош.
Односите со групата ПЈД предизвикаа несогласување во односите меѓу САД и Турција. САД сакаат милитантите од таа група да бидат вклучени во борбата против ДЕАШ, а Турција предупредува дека станува збор за сириски огранок на терористичката организација ПКК и дека сето оружје и воена опрема во рацете на тие терористи претставува безбедносна закана за Турција.
Официјална Анкара се залага борбата против ДЕАШ да се води во соработка со умерената сириска опозиција и оти е невозможно во борбата против една терористичка група за партнер да се има друга терористичка група.
Американскиот министер за одбрана, Џејмс Матис, неодамна во писмо до турскиот колега Фикри Ишик го извести за воената опрема што САД како помош ја испратија за групата ПЈД и изјави дека САД преземаат низа мерки во врска со предупредувањата од Анкара и оти во тој контекст ќе се води редовна месечна евиденција на опремата и оружјето во рацете на ПЈД и таа евиденција ќе се доставува до властите на Турција.
Матис во писмото наведе дека американското Министерство за одбрана има уредна евиденција и снимки од опремата што им е доставена на милитантите на ПЈД во Сирија и истакнува дека целата таа опрема ќе им биде одземена на милитантите по завршувањето на борбата против терористичката организација ДЕАШ во Сирија.