Ekip
27 Март 2020•Ажурирај: 28 Март 2020
БАГДАД
Американскиот Стејт департмент им нареди на американските државни службеници кои работат во дипломатските установи во Ирак да ја напуштат земјата поради условите за безбедност и ограничувањето на патувањата како последица на пандемијата на коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Стејт департментот нареди заминување на назначените американски владини работници во американската Амбасада во Багдад, во Центарот за дипломатска поддршка на Багдад и во Генералниот конзулат на САД во Ербил“, се вели во соопштението на Амбасадата.
Од Стејт департментот наведоа дека визните услуги ќе останат суспендирани, додавајќи дека американската Влада исто така има ограничена можност да обезбеди итни услуги за граѓаните на САД во Ирак.
Одлуката беше донесена откако две ракети „катјуша“ беа истрелани кон Зелената зона во Багдад.
Ирачките здравствени работници досега потврдија 38 смртни случаи од коронавирусот, заедно со 382 потврдени случаи на зараза.
Вирусот што за првпат се појави во Вухан, Кина, во декември минатата година, се прошири во најмалку 200 земји и региони низ светот, додека бројот на детектирани случаи на заразени со новиот тип коронавирус изнесува 532.000, Од последиците предизвикани од овој вирус починаа над 24.000 лица. Излечени се вкупно 122.000 лица.