Michael Hernandez
10 Декември 2019•Ажурирај: 11 Декември 2019
ВАШИНГТОН (АА) - Демократите во Претставничкиот дом на Конгресот на Соединетите Американски Држави (САД) денеска најавија дека ќе постапат по две точки за импичмент на американскиот претседател Доналд Трамп: злоупотреба на службената должност и опструирање на Конгресот, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашиот претседател поседува целосна доверба кај јавноста. Кога тој ќе ја предаде таа доверба и ќе се стави себеси пред државата, го загрозува Уставот, ја загрозува нашата демократија и ја загрозува нашата национална безбедност“, истакна Џери Надлер од Одборот за правни прашања на Претставничкиот дом на прес-конференција. „Креаторите на Уставот препишаа јасен лек за претседателите кои ја кршат својата заклетва: тоа е моќта на импичментот.“
Најавата дојде неколку часа откако претседателот упорно продолжи со објавите на Твитер дека тој не згрешил ништо, и дека тоа што демократите настојуваат на импичмент „е чисто политичко лудило“!
Одборот за правни прашања се очекува кон крајот на неделата да ги преземе двете точки за импичмент. На разгледувањето од Одборот ќе му претходи гласање, најверојатно, за испраќање на предметите во комплетниот состав на Претставничкиот дом, кој треба да гласа следната недела.
Но, дури и во случај точките да поминат во Претставничкиот дом, многу е веројатно дека нема да поминат во Сенатот каде што ќе треба двотретинско мнозинство. Сенатот го сочинуваат 53 републиканци и 47 демократи.
До денеска, Претставничкиот дом на американскиот Конгрес има гласано само трипати за причини за импичмент на претседател на функција. Претседателите Ендру Џонсон и Бил Клинтон беа ослободени во судењата во Сенатот, додека Ричард Никсон се повлече од функцијата за да избегне смена.