Seda Sevencan
15 Декември 2021•Ажурирај: 16 Декември 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Соединетите Американски Држави (САД) денеска ги поздравија актуелните иницијативи на Турција и Ерменија да започнат разговори за чекорите за нормализирање на односите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Ги поздравуваме и силно ги поддржуваме изјавите на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу и Министерството за надворешни работи на Ерменија, за назначување специјални пратеници за разговори за процесот на нормализација“, напиша американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Твитер.
Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, во понеделникот изјави дека Анкара и Ереван наскоро ќе назначат специјални претставници за да разговараат за чекорите за нормализирање на односите.
Подоцна, Вахан Хунанјан, портпарол на ерменското Министерство за надворешни работи, ја поздрави изјавата на турскиот министер за надворешни работи, според Државното радио на Ерменија.
„Во тој поглед, позитивно ја оценуваме изјавата на турскиот министер за надворешни работи за назначување на специјален претставник за нормализација на односите и потврдуваме дека ерменската страна ќе назначи специјален претставник за овој дијалог“, објави телевизијата, цитирајќи го Хунанјан.