Serdar Dincel
06 Јули 2025•Ажурирај: 07 Јули 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Бројот на загинати во буичните поплави во американската сојузна држава Тексас се искачи на 51 доцна синоќа, пренесува Анадолу.
Во најтешко погодениот округ Кер, официјалните лица пријавија 43 смртни случаи - 28 возрасни и 15 деца. Округот Травис потврди четири смртни случаи, окрузите Кендал и Том Грин пријавија по еден, а официјалните лица од округот Барнет известија за два смртни случаи, соопшти Ен-би-си њуз.
Во округот Кер, 27 деца сè уште се водат како исчезнати откако поплавите го уништија Камп Мистик, христијански летен камп за девојчиња.
Официјални претставници изјавија дека напорите за пребарување и спасување по катастрофалните поплави сѐ уште траат.
Претходно, управителот на Кервил, Далтон Рајс, изјави дека операциите за пребарување и спасување остануваат највисок приоритет во централен Тексас, каде екипите ги бараат исчезнатите долж реката Гвадалупе, јави Си-ен-ен.
„Навистина сме фокусирани на безбедноста на животот. Нашиот примарен фокус е пребарување и спасување на секое лице и ќе продолжиме во текот на ноќта со цел да се осигураме дека тоа ќе се случи“, истакна Рајс.
Поплавите започнаа доцна во четвртокот и траеја до раните утрински часови во петокот, откако обилни врнежи од дожд го зафатија подрачјето околу реката Гвадалупе, издигнувајќи ја до ниво од 11,8 метри, надминувајќи ја по размер втората најголема поплава во поново време во регионот во 1987 година.