Ayhan Şimşek
30 Јули 2019•Ажурирај: 31 Јули 2019
БЕРЛИН
САД официјално побараа од Германија да се придружи на меѓународните поморски сили, за да обезбеди безбеден премин на бродовите околу Персискиот Залив, обjавија локалните медиуми, јавува Anadolu Agency (AA).
„Официјално побаравме од Германија да помогне, заедно со Франција и Белика Британија, да ја задржиме безбедноста на Хормушкиот Теснец и да се спротивставиме на иранската агресија“, изјави еден американски официјален претставник, кој беше цитиран од германската новинска агенција DPA.
Минатата недела, германскиот министер за надворешни работи, Хеико Мас, изјави дека Берлин допрва треба да ја донесе конечната одлука за придружување на меѓународната коалиција за заштита на комерцијалните бродови во регионот.
„Дали Германија ќе учествува или не, може само да се одлучи откако ќе имаме јасна идеја за тоа како таа мисија би изгледала. Само тогаш може да се решат релевантните политички и легални прашања“, изјави тој во интервјуто за медиумската група „Функе“.
Тој ги даде овие забелешки откако Велика Британија повика на поморска мисија предводена од Европа за обезбедување безбеден премин околу Персискиот Залив, по запленувањето минатата недела на танкерот со британско знаме од страна на Иран.
Тензиите со Иран ескалираа минатиот месец кога два нафтени танкери беа нападнати во Хормушкиот Теснец. САД го сметаат Иран одговорен за нападите, чие обвинување Техеран го негираше.
Неколку дена подоцна, Иран собори беспилотно летало на САД, тврдејќи дека го нарушило иранскиот воздушен простор. САД велат дека беспилотното летало се наоѓало над меѓународните води.